Одберете дело за вашиот дом, работен простор или совршен подарок.
Одберете дело за вашиот дом, работен простор
или совршен подарок.
НИКОЛА ПИЈАНМАНОВ : ДЕЛАТА ПОСТАВЕНИ НА ИЗЛОЖБИТЕ СЕ КАКО ЗАПАЛЕНИ СВЕЌИ, ЛУЃЕТО ДОАЃААТ СО СВОИТЕ КАНДИЛА И ПЛАМЕНОТ САМО СЕ ЗГОЛЕМУВА
Сведоци сме на историски моменти, кога сѐ е толку наелектризирано, накострешено, како пред бура која штотуку ќе експлодира.

 Kризата секогаш влијае врз уметникот, го разбудува рамнодушието. Но, изолацијата не е криза сама по себе и нема големо влијание, затоа што уметникот е секогаш изолиран и повлечен. Кој мисли спротивно, не ја осетил вистинската магија на создавањето. Добредојдена е тишината, самоизолацијата, чувањето на енергијата и повлеченост во себе – вели ликовниот уметник Никола Пијанманов. Неговиот пристап кон уметноста е темелен и речиси аскетски. Пијанманов (1981) кој дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, е еден од најплодните и сестрани современи ликовни уметници во Македонија. Учествувал на многу групни изложби, а во моментов во галеријата „Метаноја“ е поставена неговата изложба „Пасија“.

„Пасија“ е вашата последна изложба отворена неодамна во „Метаноја“. Страданието Исусово е инспирацијата. Траеше ли долго процесот од идеја до моментот на средба со публиката?

-Можам слободно да кажам дека процесот трае повеќе од една деценија. Моето толкување на животот и страданијата на Исус Христос, влијанијата од христијанската црковна уметност, средновековните манастири, но и моите лични соочувања со смртта, смислата на животот, страдањето кои е внатрешно и општо, страдањето како онтолошки процес, задолжителен пат во оформувањето на едно битие. Но, благодарејќи на „Балканскиот институт за вера и култура“ и галеријата „Метаноја“ во Скопје, со нивна целосна поддршка и поттик, јас конечно успеав да му дадам форма и заокруженост на целиот циклус, кој почнува од сцената со смртта и воскресението на Лазар и завршува со Мироносиците кои го најавуваат Воскресението на Христос и, воопшто, триумфот на животот над смртта. До положеното мртво тело стои едно мало кокиче кое пробива низ смрзнатата земја... Затоа во поднасловот на каталогот стои „Смртта умира“, поимајќи ја смртта како премин, не како конечност. Средбата, пак, со преубавата публика, во едно толку застрашувачко време со апокалиптичен шмек, е најголемата потврда за тоа што го креирав и криев во ателјето. Драгите колеги и автори – сликари, композитори, музичари, книжевници, теолози и поети со чии дела комуницирам најчесто виртуелно, дојдоа да ја разменат својата творечка енергија со онаа која ја прикажавме во „Метаноја“. Во живо! Делата поставени на изложбите се како запалени свеќи, луѓето доаѓаат со своите кандила и пламенот само се зголемува, светлината станува голема. Тоа е оган кој не догорува. А, самата галерија е можеби најубавиот простор кој досега го имам користено за изложување на мои дела во земјата. Изложбениот простор буквално се стопи со сликите, подземниот дел од „Метаноја“ (некои од нив создадени според самиот простор во галеријата), компонирањето на композициите, ниши и столбови чии димензии ги искористив за оформување на прецизниот концепт на поставката. Сѐ наликува на катакомбите од ранохристијанските базилики.

Како на Вас влијаеше пандемијата? Дали Ве одведе на нови инспиративни места можеби?

-Кризата секогаш влијае врз уметникот, го разбудува рамнодушието. Но, изолацијата не е криза сама по себе и нема големо влијание, затоа што уметникот е секогаш изолиран и повлечен. Кој мисли спротивно, не ја осетил вистинската магија на создавањето. Значи добредојдена е тишината, самоизолацијата, чувањето на енергијата и повлеченост во себе. Но, страшниот аспект и влијание од пандемијата е самата болест, стравот, сивилото и паничното соочување со краткотрајноста на животот. Смртта зацарува со светот. Се запрашавме колку вреди еден човечки живот, навистина? Или сѐ е само статистика. Се преиспитавме како луѓе, што сме, кои сме, каде одиме, каде брзаме?? Како што кажа композиторот Арво Парт, конечно разбравме дека сме нераскинлива целина, целото човештво. Но, за жал, тоа моравме да го разбереме по лошиот начин.

Што за Вас значи проф.Владимир Георгиевски и колку големо влијание имаше врз градењето на вашиот стил и авторски печат?

-Многу! Мислам, не толку во стилот, колку во авторскиот печат. Можеби и не толку во естетските насоки колку од погледите на светот, на феноменот творештво и творечки пат кој за него беше исто како аскетско – духовен пат. Поимањето на уметноста како духовна дисциплина, верски чин. Комуникацијата со старите мајстори, руската боготражителска философија, европската класична литература...христијанскиот печат врз фигуративната уметност и сликарство. Целосната сплотеност и синтеза на секојдневниот живот и уметничкиот, оној во ателјето, каде секој простор на нашето присуство станува ателје, место за креација и жед за промена на овој свет, негова преобразба. Некој би рекол - песимистички насоки...би кажал есхатолошки, со желба за побрзо согорување и метаморфоза на овој несовршен свет.

 Со уметнички дела упатувате и пораки до пошироката маса. Така беше и скулптурата „Штркот и змијата“, што ја реализиравте преку здружението „Култ-Транзен“ од Струмица. Уметниците важат за големи индивидуалци, но верувате ли дека токму преку соработка и здружување се отвораат нови патишта до публиката?

- Скулптурата „Штркот и змијата“ е алегорија на вечната борба на доброто со злото. Автохтоната птица од југоисточните краишта на Македонија ја земав како главен објект во таа композиција која можеби наликува на Страдањето на Лаокон и неговите синови. Поставена е во Колешино, едно од најубавите планински села во Македонија, недопрено, неизвалкано од разурнувачката индустрија која се заканува да го уништи балансот на природата со човекот во овие делови од земјата. Дали ќе победи штркот или змијата, ќе видиме допрва. Сведоци сме на историски моменти, кога сѐ е толку наелектризирано, накострешено, како пред бура која штотуку ќе експлодира. Таа неизвасност и непредвидливост е прикажана во скулптурата. Здружението кое го поддржа проектот сакаше да покаже, како со минимални средства и непопуларен материјал, во случајот железо од отпад, можат да се направат дела кои ќе стојат како трајни во јавниот простор. Соработката и креативното здружување е многу значајно во моментот. Не е сѐ до финансиите, повеќе е во љубовта и пожртвуваноста, како тоа треба и може да се прави и организира. Уметничкиот чин е жртва. Сведоци сме на иницијативи како онаа на „Литера“ која ја реализира и постави најзначајната ретроспективна изложба во изминатите неколку години, изложбата на Димитар Кондовски, изведена на начин кој допрва ќе станува репер за тоа како треба да се презентира ликовната уметност пред публиката.

Автор: Сребра Ѓорѓијевска
Се согласувам да ми испраќате новости и дела од авторите, и персонализирани совети за наоѓање уметност
или подарокот кој сакам да го купам од Frida.mk
Ви благодариме