Одберете дело за вашиот дом, работен простор или совршен подарок.
Одберете дело за вашиот дом, работен простор
или совршен подарок.
ЕМИЛ АЛЕКСИЕВ : НАШАТА МАЛА УМЕТНИЧКА СЦЕНА Е УЗУРПИРАНА ОД БЕЗДАРНИЦИ, КОРИСТОЉУПЦИ И ИЗМАМНИЦИ ШТО ГИ ТУРКААТ НАСИЛА ДОБРИТЕ УМЕТНИЦИ НАДВОР ОД ОСВЕТЛЕНАТА БИНА
Само тие што не ја разбираат уметноста и не ја сакаат вистината можат да ја укинат или да ја туркаат под тепихот на нашава накривена трошна државна градба. Истото и многу повеќе важи за историјата.

Денес малкумина знаат нешто повеќе за Димитар Кондовски, Петар Мазев или Петар Хаџи Бошков. Тоа е последица на децениска негрижа на државата, на пропаднатиот образовен систем, на пропаднатите државни институции и на, за нас карактеристична, „култура на заборавот“. Погледнете само што остана од нашето културно наследство – вели ликовниот критичар Емил Алексиев.
Со добриот познавач на македонската современа уметност поразговаравме за повеќе теми што го мачат уметникот во Македонија, каде е неговото место, но и колку се трудиме уметноста да им ја приближиме на новите генерации. Преку разговори со наши уметници, критичари, кустоси, Фрида.мк сака да ја поддржи македонската ликовна сцена.
Алексиев е кустос советник во Музејот на Град Скопје. Тој е автор на над стотина есеи, ликовни критики и текстови за теоријата на визуелните уметности, автор е на значајни студии од областа на историјата на уметноста и монографии за творештвото на македонски уметници.

Ликовната критика е речиси исчезнат вид од македонскиот медиумски простор. Покажува ли тоа каков е односот на општеството кон уметничкото творештво и кон отвореноста за критика?
-Ликовна критика одамна нема. За да има критика неопходно е да постои општествен консензус за тоа што ова општество смета дека е вредност. Значи, потребен е систем на вредности. Потребно е да постои хиерархија на вредности. Конечно, потребно е да постои идеја за вредност. А за тоа се потребни критериуми и стандарди кои ги нема. Како ќе ја знаете вредноста на што било? Како ќе знаете дека некое уметничко дело или проект се вредни? Кој е добар уметник, а кој е лош? За тоа е неопходно огромно акумулирано знаење и искуство на поколенија од што ние како општество се откажуваме во интерес на „релативизација на сите вредности“.

Каде е местото на уметникот во македонското општество?
-Нашата мала уметничка сцена е узурпирана од бездарници, користољупци и измамници кои ги туркаат насила добрите уметници надвор од осветлената бина.Ние не создадовме општество каде напредуваат умните и способните, туку неуките и неспособните. Истото важи за уметниците. Во едно вакво општество каде државата не создава критериуми и стандарди, каде владее непотизам, каде се негува колективна анти-културна свест и каде по децении на негативна селекција сѐ е сведено на борби за територии, позиции и моќ на кланови и на банди како во политиката, така и во културата - уметникот нема многу избор за да преживее. Тој мора да биде „поврзан“. Или ќе биде член на некоја група која се позиционирала во општеството или ќе мора да работи без општествена поддршка осамен и заборавен чекајќи некој некогаш да го открие.

Живееме во исклучително тешка година. Колку е важно за уметниците да ја користат дигиталната технологија и можноста за поврзување со својата публика, но и за стекнување нова?
-Не е само во прашање пандемијата и запрената глобализација. Светот драматично се менува. Аналогниот свет полека се претвора во дигитален. Овие промени доаѓаат и до нас.Современата технологија е таа која отвoра нови и неверојатни можности за уметниците. Како и секогаш усвојувањето на новите технологии е нужно и корисно. Извонредни резултати има на тоа поле и во Македонија. Голем број уметници вешто ги користат новите технологии и новите медиуми. Сепак, треба да се има на ум дека совремната технологија мора да биде во служба на уметниците, а не уметниците да и служат на технологијата.
Добар пример е Фрида.мк. Социјалните мрежи се медиум преку кој уметникот може да го промовира сопственото творештво, но и да создава нови начини на комуникација и интеракција со публиката.

Фестивалот „Литера“ годинава му посвети внимание на творештвото на Димитар Кондовски, прв пат организирајќи изложба со негови илустрации. Вие имате објавено две книги за неговото творештво од кои едната е монографија издадена од МАНУ и сте еден од најдобрите познавачи на неговиот творечки опус.Им обрнуваме ли внимание на големите имиња во насока на едукација на новите генерации?
-Денес малкумина знаат нешто повеќе за Димитар Кондовски, Петар Мазев или Петар Хаџи Бошков. Тоа е последица на децениска негрижа на државата, на пропаднатиот образовен систем, на пропаднатите државни институции и на, за нас карактеристична, „култура на заборавот“. Погледнете само што остана од нашето културно наследство! Ние уништуваме сѐ што допреме наместо да создаваме врз темелите поставени во минатото. Нивелацијата на вредностите и девастацијата на образовниот систем е гибелна. Овој уништувачки корозивен процес кој предолго ја разјадува државата мора да запре! А тоа бара знаење и умеење од кое се откажавме зошто е полесно да се симулира отколку да се стекне темелно образование и стручно знаење. За знаење и стекнување вештини се потребни години труд и макотрпна работа. Не може сѐ да се остави на нечиј ентузијазам, волунтаризам и индивидуална волја за знаење.
Наспроти актуелните негативни општествени тенденции, луѓето кои го водат Фестивалот за детска литература и илустрации „Литера“ направија исклучителен потфат организирајќи изложба на цртежи и илустрации на Димитар Кондовски во Националната галерија на Македонија. Со поддршка на семејството Кондовски тие поставија изложба заснована на продлабочено истражување на еден мошне запоставен, а мошне значаен аспект од творештвото на Димитар Кондовски.
Идејата беше на Софија Семенпеева-Трајановска. Иако овој проект се организираше во услови на пандемија и протоколи за заштита од Ковид-19, поради својата атрактивност тој предизвика огромно внимание кај публиката. Сметам дека овој проект е еден од најзначајните во годинава што изминува.

Сметате ли дека ликовната уметност треба да добие подобро место и во образованието на децата? Најново според актуелното Министерство за образование и наука е да се спојат во еден час – ликовна и музичка уметност, со тоа што од шесто до деветто одделение се предвидува да има само еден час неделно.
-Ние сме загубени во шумата на релативните вредности на неолиберализмот. Како и сѐ друго во нашето општество, образованието не функционира. Тоа одамна не е функционален систем. Нема дури ниту надеж за санирање на штетите и реконструкција на системот. Се заборава дека образованието е темел на општеството. Ако тој темел е лошо поставен, што очекувате да изградите? Каква е таа држава што ја градиме врз ваков темел? Како последица од нефункционалноста на образовниот систем денес имате деградација на стручноста и на професионалноста. Општеството го препуштивме во рацете на неуките, недоучените и приучените.
Да им се одземе можноста на децата (или да се сведе на минимум) да стекнат визуелна култура и знаење за уметноста и историјата на уметноста значи дека државата има намера свесно да создава ограничени единки кои ќе бидат лесно подложни на секој вид на манипулација. Ние живееме во свет во кој реалноста се создава вештачки (artificial reality). Треба знаење за да разберете што е вистина, а што е лага. Денес во свет на супербрз проток на информации и на целосна достапност на тие информации имаме две третини на населението неписмени. Ништо не вреди интернетот ако не знаете да се снајдете во таа информатичка галаксија од податоци. Ќе се изгубите ако немате мапа за навигација, ако не го знаете контекстот и ако не знаете да процените што е валидна информација, а што лага и лажна вест.
Современата стварност е визуелна и медиумски посредувана стварност. Уметноста е едно од можеби последните места каде опстојува вистината.
Да, уметноста е потрага и откривање на вистината, а не фриволна забава. Само тие кои не ја разбираат уметноста и не ја сакаат вистината можат да ја укинат или да ја туркаат под тепихот на нашава накривена трошна државна градба. Истото и многу повеќе важи за историјата.

На што сте фокусиран периодов, дали сте посветени на творештвото на некој автор?
-Штотуку ја завршив работата на монографијата за творештвото на Роберт Дандаров во „Софија Принт“. Книгата за овој исклучителен уметник кој живее и работи во САД, а за чие творештво кај нас малку или недоволно се знае и не се вреднува онака како што заслужува, ќе биде отпечатена до крајот на годинава.

Автор: Сребра Ѓорѓијевска
Се согласувам да ми испраќате новости и дела од авторите, и персонализирани совети за наоѓање уметност
или подарокот кој сакам да го купам од Frida.mk
Ви благодариме