Одберете дело за вашиот дом, работен простор или совршен подарок.
Одберете дело за вашиот дом, работен простор
или совршен подарок.
ИВАНА НАСТЕСКИ : ЗА ДА МОЖЕ УМЕТНИКОТ ДА НАПРЕДУВА, НЕ ТРЕБА ДА СЕ ПОТПИРА НА ЛОВОРИКИ

Учителствувам веќе 15 години и заедно со моите колеги сме поминале низ низа реформски процеси - некои успешни, а некои помалку, некои вродија со плод, а некои, за жал, не. Она што лично дури и ме вознемирува, од позиција на учител, е начинот на кој беше пренесена таа „храбра” изјава од челниците на МОН, речиси без никаква консултација со нас учителите и моделот на имплементација на истата – вели Настески

 Уметникот треба постојано да ги преиспитува своите можности, лични граници или експерименти. Во тој контекст, јас секојдевно сум изенадена од самата себе си, зошто само кога создавам, се чувствувам вистински жива, а со тоа и продуктивна. Иако поаѓајќи од себе и тогаш кога физички можеби и не сум во своето ателје, постојано размислувам што би бил мојот следен мотив? Како да го реализирам? Што ли може да ме инспирира, да ме возбуди, да ме помести од моето лично лежиште? – се прашува графичката уметница Ивана Настески.

Наградена со Гран при за графика (2010), со десетина самостојни изложби и двојно повеќе групни изложби низ цел свет, Настески е една од најактивните графичари кај нас. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2004), каде завршила и постдипломски студии (2009). Од истата година е член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија.

Во последните 15 години Настески се бави и со педагошка дејност, предавајќи ликовна култура во основното образование.

Изминатата година беше тегобна за цел свет, затворена и потиштена. Велат - за уметниците, самотијата и изолацијата е повеќе од потребна. Ве инспирира ли Вас да творите?

-Уметноста не е лесна, а најмалку едноставна работа, но затоа е многу благородна. Уметникот создава и гради светови. Вистина, оваа измината година беше тегобна на сите нивоа! Тешка и неизвесна за сите нас. Од оваа дистанца, (по)некогаш сум ѝ и благодарна на оваа пандемична година, поради тоа што на површина испливаа сите недостатоци на нашето општество, лажните емпатични лица, целата трка по профит и наеднаш нѐ стави во позиција на едно неизвесно утре. Од друга страна, на уметникот и му треба самотија и осама, па дури и изолација. Иако оваа наметната изолација и лично ја доживеав стресно.

Уметноста треба да биде видена, доживеана. Уметниците се соочија со намален број изложби и уште помали можности за промоција на дела надвор од нашата земја. Ве инхибираше ли тоа?

-Точно, уметноста заслужува да патува кон нови меридијани, кон нови предизвици и светови оти таа самата по себе е предизвик. Кога уметникот патува, патува и неговата уметност. Без сомнеж, сите мои колеги уметници и јас самата се соочивме со ликовни колонии сведени на минимум, рестриктивни изложби, а со тоа и промоцијата на ликовни дела надвор од нашата земја беше и сѐ уште е доведена во прашање. Целата таа состојба која сѐ уште трае, е шокирачка. Така, како единствена опција ни преостанува промовирањето на ликовните дела преку социјалните медиуми, конкретно преку платформата Frida.mk која нуди извонредни опции не само за промоција на уметноста, ами и за помош на ранливите групи граѓани. Оваа интернет-платформа е совршен спој на уметност, љубов, емпатичност и поддршка онаму каде што е најпотребна.

Иако сте по вокација графичарка, творите во повеќе техники. Со изразот на која техника најмногу сте Вие самата?

-Така е, јас сум графичарка, но исто така работам и сликарство. Во графиката има и многу сликарски елементи, бои и тонови. Сметам дека и двете ликовни дисциплини, иако технички различни, една со друга се испреплетуваат и заемно се надополнуваат. Искрено, и двете ми се личен, фах па не би можела да се одлучам во која најмногу сум јас-јас! Можеби малку натежнува графиката како ликовен медиум, зашто иако комплексна за работа оти пред сѐ е физички деликатна, таа нуди неброени алтернативни решенија и ликовни комбинации. Последниве години сликам и акварели, кои ги комбинирам со тушеви во боја, акрилик или со колаж.

Уметникот треба да истражува, да испробува нови техники, да се надминува себеси. Имате ли фаза од вашето творештво, изложба или дело, можеби на кое сте посебно горди и изненадени од себе?

-Искрено сметам дека уметникот треба веднаш да го заборави успехот, секако не во буквална смисла. Прекрасно е чувството, кога уметникот ќе оствари успешна изложба, богата со дела и истата да биде видена и за неа да се пишува, да се споделуваат информации, критики или статии. Но, за да може уметникот да напредува и да истражува нови светови, тој во ниту една варијанта не треба да се потпира на ловорики. Во таа насока, уметникот треба постојано да ги преиспитува своите можности, лични граници или експерименти. Во тој контекст, јас секојдевно сум изенадена од самата себе си, зошто само кога создавам, се чувствувам вистински жива, а со тоа и продуктивна. Иако поаѓајќи од себе и тогаш кога физички можеби и не сум во своето ателје, јас постојано размислувам што би бил мојот следен мотив? Како да го реализирам? Што ли може да ме инспирира, да ме возбуди, да ме помести од моето лично лежиште? И што можам да ѝ понудам на публиката?

Предавате ликовна култура во две основни училиште во Тетово. Периодов се разгоре дискусија поттикната од „храбрите“ најави на МОН, да го намали фондот на часови по уметничките предмети – музичко и ликовно, но и да ги спои во еден предмет. Дали е ова добар потег и, што, според вас, треба да биде клучна реформа во основното образование од овие предмети?

-Мошне интересно прашање, а и актуелно, да не речам - горливо. Немам дилема дека реформи се нужни, но какви и на кој начин реализирани? Учителствувам веќе 15 години и заедно со моите колеги сме поминале низ низа реформски процеси - некои успешни, а некои помалку, некои вродија со плод, а некои, за жал, не. Она што лично дури и ме вознемирува, од позиција на учител, е начинот на кој беше пренесена таа навистина  „храбра” изјава од челниците на МОН, речиси без никаква консултација со нас учителите и моделот на имплементација на истата. Информацијата од МОН внесе неверојатна забуна и збрка па дури и стрес кај наставниците, и верувајте, сите ние сме со илјадници прашања за кои немаме точен, јасен, прецизен и конкретен одговор како понатаму? Да, реформи се потребни, но над сѐ, пред да се донесат тие треба да подлежат на јавни дебати, дискусии, разговори со оние кои се дел од образовниот процес (наставниците, психолозите и педагозите), а секако и со оние кои се составен сегмент од едукацијата, а тоа се родителите и учениците.

Засега, изјавата од МОН е нејасна и конфузна. Оттаму треба да се сослушаат и двете страни. Верувам дека има време таа да се искристализира за да се дојде до едно конечно и прифатливо решение.

 Што си посакувате за 2021 година?

-Во 2021 година посакувам сите ние најпрво да си го сочуваме здравјето, здравиот ум и да надвладее добрата волја. Ова можеби е по малку романтично, но не е невозможно! Мислам дека нѐ очекува уште една неизвесна година на секој план. Сакам да верувам дека ќе имаме помалку стресови, многу, многу уметност, а најмногу од сѐ, ја очекувам пролетта кога ќе можам да работам надвор од моето ателје. Ете, минатата година нека ни биде учител дека сѐ е минливо, но дека уметноста може да ги помести нашите внатрешни препреки и дека таа заслужуваа да живее! Копнеам да посетам неколку планиниски врвови на Шар Планина, а пејзажите таму ми ја полнат душата, ми внесуваат радост во срцето, ме полнат со енергија за три универзума.

Автор: Сребра Ѓорѓијевска
Се согласувам да ми испраќате новости и дела од авторите, и персонализирани совети за наоѓање уметност
или подарокот кој сакам да го купам од Frida.mk
Ви благодариме