Одберете дело за вашиот дом, работен простор или совршен подарок.
Одберете дело за вашиот дом, работен простор
или совршен подарок.
ШЌИПЕ МЕХМЕТИ : ЗА ДА СЕ СЛУЧИ ЧУДОТО НА СОЗДАВАЊЕ НА УМЕТНИЧКО ДЕЛО ПОТРЕБНА Е ОСАМЕНОСТ

Ликовните уметници се најмалку поддржани во државава. Тие бедни пари што ги земаат за изложбите ниту од далеку не се доволни за покривање на нивните основни потреби – вели графичкарката

Повеќе од 50 групни изложби во 15-ина земји, десетина самостојни, награди („Адем Кастрати“, „Вангел Коџоман“ – сликарство мал формат, „Драгутин Аврамовски-Гуте“ - графика мал формат) се впишани во 20-те години кариера на уметницата Шќипе Мехмети.  Можеби во ова време на отуѓеност и осамување повеќето луѓе копнеат да бидат меѓу други луѓе. Јас имам потреба да се изолирам во ателје. Таму можат да се случат прекрасни нешта, вели Мехмети. За жал, поради пандемијата не можеше да реализира неколку изложби во странство, за што се надева дека ќе ѝ се случат в година.  

Вашата последна изложба е „Граници“, што заедно ја поставивте со уметницата Дита Старова во галеријата „Ко-ра“ во Скопје. Се чини дека уметниците се најголемите борци за надминување на сите видови граници што човекот си ги поставува. Кој Ви беше поривот заедно да настапите со Старова на оваа секогаш важна тема?
- Со Дита заедно настапуваме од 2015 година, со заедничката изложба во Македонскиот културен центар во Њујорк, потоа наредната година низ Македонија и во 2019-та во Македонскиот културен центар во Истанбул. „Граници” настана спонтано во 2019 како резултат на една поттикнувачка соработка каде се обидовме и да пречекориме некои свои уметнички граници упатувајќи се кон, за нас, дотогаш неистражени ликовни насоки. Сметам дека вакви заеднички проекти, кога се обидувате да создадете нешто ново во однос на она што дотогаш сте го работеле, се продуктивни за уметниците. Во 2020 година требаше да ја поставиме оваа изложба во Косово, но поради ситуацијава, ја реализиравме во Скопје.

Ова не е прва изложба во која настапувате заедно со друга уметница. Заедно со Сузана Ардо ја создадовте „Силување на природата“, што се изроди од Вашиот престој во Citѐ Internationale Des Arts во Париз. Ви отвори ли нови врати Париз – главниот град на уметноста?
- Да, секако, но тие врати треба да ги држите отворени. Во Париз запознав многу уметници од широкиот уметнички спектар на разновидни уметности (визуелната уметност, музиката, филмот и театарот), историчари на уметност, новинари, архитекти... Тоа беше период кога со ширум отворени очи ја запознавав оваа престолнина на уметноста. Времето минато во Париз беше, за жал, кратко. Поради обврските во Националната Галерија каде сум вработена, престојував само еден месец, наместо предвидените два (а и тие два месеци се малку за студиски престој во Париз).

„Фрагилност“ беше Ваша изложба од 2017 година, кога на многу интересен начин „зборувавте“ со публиката за нежноста, но и силата на жената. Ви значи ли повратната реакција од публиката? Дали размислувате на тој момент кога творите?
- Кога творам, не размислувам воопшто за публиката, едноставно дозволувам да излезе од мене таа енергија што се претвора во уметничко дело. Но, за изложбата „Фрагилност" ми беше многу важна реакцијата на публиката и мислам дека ја постигнав целта, барем на тие места каде што беа изложувани делата. Проектот сѐ уште не е завршен, има уште многу што да се каже таму. Темата на овој циклус е жената. Преку јазикот и можностите на графичката уметност, се обидувам да проговорам отворено за проблемот на потиснатата еротика и фрустрациите на балканската жена. Овие дела, воедно, говорат за женската сексуалност, сензуалност и фрагилност. Воедно, со ликовните средства кои ми се на располагање (линија, тон, боја...) се обидувам да го поставам прашањето за потиснувањето на женската сексуалност на овие простори и судирот меѓу насетената сексуална слобода и ограниченоста, менталитетот и традицијата на една сè уште закоравена патријахална средина,. каква што е нашата.

Како на вас влијаеше пандемијата како уметник?
- Првите месеци позитивно - не одевме на работа, можев да се сконцентрирам на себеси, да се фокусирам на моето творештво. За уметникот е исклучително важно да ја има слободата непречено да го истражува сопствениот свет, да има свое време и свој простор заштитен од секојдневните предизвици на животот. Сега ми недостигаат патувањата. Не можев да ги реализирам изложбите предвидени оваа година кои требаше да бидат отворени во галериите во странство.

Добија ли уметниците доволна помош од државата во пандемската година?
- Од пандемијата беа погодени скоро сите во државата, не само уметниците. Ги поздравувам некои иницијативи на Град Скопје, како што е повикот за настапи на уметници во јавни простори во време на корона. За жал, не можеа да се реализираат сите проекти од Министерство за култура предвидени за 2020 година. Ликовните уметници се најмалку поддржани во државава. Тие бедни пари што ги земаат за изложбите ниту од далеку не се доволни за покривање на нивните основни потреби. 

На што сте фокусирана периодов, дали можеби планирате самостојна изложба во 2021?
- Периодов сум ангажирана во реализацијата на проектот „Rise of women” во чии рамки ќе се организира изложбата „Woman about women” што ќе биде поставена во Белград, Загреб, Љубљана, Подгорица и во Скопје. На изложбата учествуваат 25 жени уметници од екс ЈУ-земјите.

Осаменоста за мене како уметник е период на акумулирање енергија што ќе биде обликувана во уметничко дело што подоцна ќе биде покажана јавно во општата врева на светот. Можеби во ова време на отуѓеност и осамување повеќето луѓе копнеат да бидат меѓу други луѓе. Јас имам потреба да се изолирам во ателје. Таму можат да се случат прекрасни нешта. За да се случи чудото на создавање на уметничко дело потребно е спокојство и тишина. Потребна е осаменост.

 

Автор: Сребра Ѓорѓијевска
Се согласувам да ми испраќате новости и дела од авторите, и персонализирани совети за наоѓање уметност
или подарокот кој сакам да го купам од Frida.mk
Ви благодариме