Одберете дело за вашиот дом, работен простор или совршен подарок.
Одберете дело за вашиот дом, работен простор
или совршен подарок.
СЛАВИЦА МИЛЕВА : КАКО МАЛО ДЕТЕ СЕ РАДУВАМ НА ГРУПНИТЕ ИЗЛОЖБИ – ТОА СЕ ПРЕКРАСНИ ДРУЖБИ СО ПРЕКРАСНИ ДУШИ

Веќе е тренд уметникот да снима видео од процесот на сликање, иако е нешто негово најинтимно. Во минатото, само ретки и благословени луѓе имале чест да присуствуваат во ателје на уметникот во моментот кога создава. А неретко и никој! – вели Милева

 Осаменост, тишина, спокој извира од уметничките слики на Славица Милева. Маркетинг-менаџер по вокација, уметник во душа, детската фантазија да и се препушти целосно на магијата на боите ја обновила пред четири години, откако решила повторно да и се врати на ликовната уметност или како што вели „со сликање започнува во 2017 година како дневничен запис на размисли и чувства, сеќавања и приказни, откривајќи пораки, верувања и симболи од несвесното, кои на друг начин би било тешко да се разбудат и изразат.“

Длабоките емоции, фантазии, природата, жената – се нејзина најчеста инспирација. Најчесто работи со туш и акрилна боја, користејќи специјана хартија.

Досега учествувала на две групни изложби во организација на здружението „Култ-Транзен“ од Струмица -  и тоа „Женскиот модел во ликовната уметност“ (2018) и „Автопортрет во самоизолација (2020).

Од неодамна и Ваши дела се најдоа на онлајн арт галеријата Frida.mk. Претставува ли тоа убава можност за промоција на вашите дела?

-Да, и многу сум благодарна. „Уметникот живее за уметноста, но мора да почне да живее од уметноста... на тој начин компромисите во уметноста нема да се чести и ќе уживаме во чиста уметничка форма.„

Ова е изјава на Софија Семенпеева Трајановска – жената основач на тимот „Ефектива“, зад кој стои и Frida.mk. Јас целосно се согласувам со неа. На овој исказ се надоврзува и мотото на галеријата „Фрида“ - „Купувај уметност - подари хуманост“. Така преку систем на донирање и поддршка на ранливата категорија граѓани, а преку купување уметничко дело, истовремено се помага и на уметникот да твори. Значи, ем промоција, ем хуманост.

Колку е важно денес уметниците да бидат во тек со дигиталниот јазик за да и се доближат што е можно подобро на својата публика?

- Мислам дека веќе ретко кој го поставува прашањето дали дигиталната ера ја убива уметноста. Светот полека станува дигитален, покрај толку голем процент на корисници на интернет. Полека, но сигурно сѐ се менува. Музеите и галериите ширум светот ги прегрнаа современите технологии за презентација на своите експонати и дела. Посебно тој дигитален момент или потреба го нагласи и оваа ковид пандемија.

Уметниците прикачувајќи фотографии од своите дела на интернет-мрежата и социјалните медиуми можат да допрат до милионска публика. Веќе е тренд уметникот да снима видео од процесот на сликање, иако е нешто негово најинтимно. Во минатото, само ретки и благословени луѓе имале чест да присуствуваат во ателје на уметникот во моментот кога создава, А неретко и никој. Оваа година пак бевме сведоци на одржување на онлајн-ликовни колонии и виртуелни изложби. Можностите се големи, а уметникот е како никогаш досега соочен со огромен предизвик. Кој пат ќе го одбере, зависи од секого индивидуално.

Вие сте дипломиран економист, насока маркетинг, образование кое нема директна врска со ликовната уметност. Од кога е контактот со уметноста и желбата за создавање?

-Пикасо еднаш рекол: „Секое дете е уметник, проблемот е како да остане уметник откако ќе порасне“. Контактот со уметноста е од мали нозе, од градинка чинам. Дрвени и маслени боички, фломастери, куп листови и портал во друг свет. За првите водени боички, кои ми изгледаа како нешто нестварно, памтам дека се менував со едно комшиско дете. Таа мене - нејзините водени боички, а јас неа - ташничката од мониста што татко ми тукушто ми ја донесе од Париз. Потоа дома си добив казна, мојот гест на трампа се доживеа како нељубов или неблагодарност за подарокот и требаше да ги вратам назад. Но, сепак вредеше таа краткотрајна магија на претворање на пигментот со малку вода, четкичка, парче хартија во еден нов разлеан свет. Чиста алхемија. Во детството со саати цртав, заборавајќи го светот околу мене.

На Пикасовата мисла се потсетив пред 17 години кога започнав да работам како проект менаџер во една скопска агенција за дизајн и рекламирање. Опкружена со прекрасни колеги, вљубеници во уметноста и мајстори на графичкиот дизајн, секој ден беше нов и исполнет со нивната креативна енергија и сила. Огромна благодарност до сите нив. Го разбудија повторно детето во мене.

Сега сум веќе седум години на работно место каде работам во најголем ден од денот само со бројки, па во еден момент се фатив како премногу ми фали таа креативна енергија и почнав сама да сликам. Страв - не страв, еве ме веќе четири години како целосно уживам во секој момент во кој можам да творам. Преблагодарна сум што повторно ја разоткрив старата љубов на моето детство, а со таа љубов и многу нови пријатели, уметници и вљубеници во уметноста.

Како Вие се наобразувате од областа на ликовната уметност? Сметате ли дека тоа што немате академско образование ви е пречка?

- Сега се очекува секако да ги споменам Винсент Ван Гог, Фрида Кало и така до недоглед да редам уметници кои немаат завршено формално или академско ликовно образование, а ние сите ги сакаме и почитуваме. Но, сепак мислам дека академското ликовно образование е голем плус, кој кај мене е минус, но, сепак не го чувствувам како пречка. „Секогаш да бараш, а никогаш да не најдеш совршенство“ – се зборовите на Ван Гог.

Од друга страна, среќна сум што завршив основно и средно образование во време кога ликовното образование повеќе се вреднуваше, кога едвај чекав да имаме блок-часови по ликовно, зашто тие часови беа поразлични од се` на што бевме навикнати во училиштето. Ликовните педагози ни даваа голема слобода и на изразување и на движење меѓу клупите, зборување, смеење, довикување, пеење, музика на часовите. Натпревар кој ќе изработи побрзо, поубаво, поразлично. Чии дела ќе бидат избрани за патрониот празник, ќе висат на таблото во холот, ќе учествуваат на меѓуучилишните изложби. Тие ми беа најзабавни и незаборавни часови, кога си бевме вистински деца и вистински слободни. Уметноста ја има и ја буди таа сила.

Денес, пак, мислам дека е многу полесно да се стигне, секако со помош на интернетот до содржини и теми, кои се полезни и пресудни или се неодминлив дневен оброк на менито на уметникот. Треба само да се сака да се учи и надградува. „Големите работи не се прават само импулсивно, туку претставуваат низа ситници поврзани во една целост“ - ќе запише Винсент во едно од писмата до својот брат Тео.

 Имате учествувано на неколку групни изложби. Дали можеби се подготвувате за самостојна изложба?

-Во моментов не ми е во план самостојна изложба. Јас како мало дете се радувам на групните изложби, запознавајќи се со уметниците и уживајќи во разнообразноста и уникатноста на секој од нив. Тоа се прекрасни дружби со прекрасни души. Се надевам во иднина ќе ги има повеќе.

Од друга страна, се борам секој ден со тоа желбата за сликање да не ми згасне, запретана од секојдневните обврски на работа и грижата за децата. Посебно е тешко кога немаш ателје - свое катче за творење. Се снаоѓам или сликам кај ќе ми се укаже можност во текот на денот или онаму каде што е најмирно и најмалку растурено. Затоа пак, најмногу ги сакам утрата. 

 На вашиот фб-профил многу често ја поддржувате македонската ликовна сцена и преку постови на дела на наши врвни автори. Колку е важно и да ги едуцираме новите генерации?

-Моите деца се` уште се сеќаваат и ги раскажуваат случките кога беа мали, а ние во агенцијата работевме на првото ребрендирање на мастиките „Чунга Лунга“ за македонскиот пазар. Магијата на создавање, пресоздавање, творење никогаш не се заборава, колку и да си мал дел или мал учесник во тој процес, колку и да е потиснат од секојдневната рутина.

Во поново време нашите музеи ги отворија своите порти, ги примија и воведоа децата во тој волшебен свет, па преку разни работилници и изложби им ја доближуваат таа магија. Градинките ми се чини дека предничат во тој процес. Се организираат нови и прекрасни фестивали за детската публика. Посебно незаборавен е ланскиот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ во чест на великанот Димитар Кондовски кој се одржа во „Мала станица“.

Уметноста е вечно жива, а Достоевски тврди дека убавината ќе го спаси светот. Нашиот Горан Стефановски, пак, ќе каже: „Во театарот приказната не се раскажува, туку СЕ ПОКАЖУВА“. Тоа е и патот на уметноста до срцата на новите генерации и до секое срце. Кој го бара, сигурно ќе ја пронајде и ќе му се открие несебично. За неа сведочат и првите пештерни цртежи или отисоци од дланки на нашите претци. Па да завршам повторно со зборовите на Ван Гог: „И во најсиромашната куќичка и во највалканото ќоше, јас гледам слики и цртежи...би сакал со своето дело да го покажам тоа што го има во срцето на еден таков екцентрик, еден таков никој и ништо“.

Автор: Сребра Ѓорѓијевска
Се согласувам да ми испраќате новости и дела од авторите, и персонализирани совети за наоѓање уметност
или подарокот кој сакам да го купам од Frida.mk
Ви благодариме