Одберете дело за вашиот дом, работен простор или совршен подарок.
Одберете дело за вашиот дом, работен простор
или совршен подарок.
МИРЈАНА КРСТЕВА МАССЕТТИ : МОИТЕ ДЕЛА СЕ МОИ ОГЛЕДАЛА

Уметниците се можеби најдисциплинирана категорија во сето ова, ние постојано живееме во изолација. На почетокот не мислев дека е изолација, ами уметничка инсталација. Сега ја живеам фаталната инерција на општеството и суптилното префрлување на светот, човечките интеракции, животи, љубови, мечти, сонувања во дигитална реалност

Фотографија: Димитар Новаков

„Livin' on dreams“ е новиот инспиративен предизвик на кој е фокусирана и сака до крајот на годината да ѝ го претстави на публиката. „Немајќи сегашност, се занимаваш со соништа. Токму соништата се инспирација за оваа изложба“ – вели уметницата Мирјана Крстева Массетти. Таа е авторка на 28 самостојни и повеќе од 90 групни претставувања дома и во странство. Дипломирала на Академијата за ликовна уметност во Благоевград, Бугарија, во класата на проф. Борислав Стоев, 2001 година. Основач и член на „Мултимедиа центар“ од Гевгелија, член е на Друштвото на ликовни уметници на Гевгелија, на Битола, како и на ДЛУМ од 2010 година. Mагистерски студии завршила на Факултетот за ликовна уметност, отсек сликарство, во класата на проф. Благоја Маневски.

Крстева-Массетти била неколку пати наградувана за свои дела. Ја добила втората награда на конкурсот ,,Бах и современоста“ за циклус литографии во Благоевград, Бугарија, посебна награда Остен на Светската галерија на цртеж, Биенале на наградени автори, 2013 Скопје, награда на КИЦ за ,,Мал формат“ на изложбата на ДЛУМ, фондација „Мазев“, Остенов уметник на годината за 2013 и 2015 година.

Што претставува уметноста за Вас?
-За мене уметноста претставува ангажиран контемплативен процес кој зборува за едно постоење во времето како димензија. Уметноста ја живеам како начин на живот. Со уметноста ме поврзува целото мое постоење, јас сум ќерка на ликовен уметник, завршив пијано, свирам пијано од мојата 6-та година, така што целиот мој живот е обоен со музика. Едно време свирев музика, сликав музика и се надевам дека успевам да го работам тоа што го сакам и имам привилегија да не се занимавам со објаснување на стварноста, туку правам обиди да креирам една.

Фотографија: Димитар Новаков

Како се чувствувате во време на епидемијава? Ви смета ли затвореноста или можеби најдовте инспирација за нови дела?
-Од мој агол е игра, енигматична игра. Уметниците се можеби најдисциплинирана категорија во сето ова, ние постојано живееме во изолација. На почетокот не мислев дека е изолација, ами уметничка инсталација. Сега ја живеам фаталната инерција на општеството и суптилното префрлување на светот, човечките интеракции, животи, љубови, мечти, сонувања во дигитална реалност. Духовноста почива на физички контакт. И погледот е физички контакт... И тој ми беше одземен. На моменти чувстувам силна амбивалентност, понекогаш когнитивна дисонанца, понекогаш свечена зашеќерена хистерија, понекогаш апатија, оттуѓена и од сопственото сознание, онемена.
,, I had a world, I don't think I had a career.,, - Agnes Varda

Изгубив дел од себе.
Сликам, моите дела се мои огледала. Трагајќи по вистината, барајќи одговори на сѐ уште непоставени прашања преку интуитивна експресивност создавам апартен свет, свет од другата страна на огледалото. Трансмутацијата на самосвеста ја доживувам како суптилна интерпретација на мојата реалност преку ликовното. Симулацијата на невидливото преку автономен ликовен израз претставува директно искуство со универзалното. Патувања во времето, средби со спомените, тивко изговорени исповеди...

Вашето последно меѓународно излагање беше во Турција, токму во јануари 2020 (ако не грешам). Ви недостига ли контактот со публиката?
-Изложбата насловена ,,Storytelling“ беше прекрасна соработка со мојата пријателка и колешка Буба Солак и беше поставена во КИЦ на Р.М. во Истанбул, Турција. Незаборавно доживување. Контактот со публиката секако дека недостига. Секое уметничко дело има потреба од публика. Сѐ повеќе уметници ги користат своите фејсбук-профили или други социјални мрежи за себепромоција.

Помага ли тоа за да останете поблиску до публиката?
-Да. „Фејсбук“ е едно од неколкуте места каде што можете да покажете дека постоите како уметник.

Живеете и работите во Гевгелија, мало место во кое творат многу талентирани сликовни уметници од повеќе генерации. Се пренесува ли таа љубов кон децата, учат ли да посетуваат изложби, да запознаваат уметници?
-Особено сум горда што имам привилегија да бидам професор на талентирани деца. Интересно е, исто како кога запознавате одредена личност, не ја гледате сегашноста, туку го гледате нејзиниот потенцијал, настапувате визионерски, посегнувате по нејзината моќ, во овој случај креативноста на децата и верувате во неа. Верувајќи во нивната креативност ги убедувате и нив да веруваат во себе, им всадувате мала доза алхемија и ги стимулирате да се изразуваат ликовно. Мојата улога е да ја истакнам нивната индивидуалност и да направам да бидат свои барем во еден сегмент од животот.

 

 

Автор: Сребра Ѓорѓијевска
Се согласувам да ми испраќате новости и дела од авторите, и персонализирани совети за наоѓање уметност
или подарокот кој сакам да го купам од Frida.mk
Ви благодариме