Одберете дело за вашиот дом, работен простор или совршен подарок.
Одберете дело за вашиот дом, работен простор
или совршен подарок.
Надоврзување на ликовното со традицијата на кукларството

Светот на кукларството“ е книга посветена на кукли и изведби со кукли запишани на листата на УНЕСКО како нематеријално културно наследство на човештвото, кукли – национален белег на одредени земји.

Книгата е авторски проект на Љубица Велкова, со илустрации на Наташа Андонова. Нивната цел е да се доближи една гранка на театарската уметност недоволно ценета или недоволно позната за младата публика.

- Идејата за ваква публикација наменета за помладата публика и за нивните родители, а се појави како резултат на мојот повеќегодишен интерес за историјата на кукларството.
Секако, на тоа влијаеше и моето долгогодишно искуство во Театарот за деца и младинци како директен учесник во реализацијата на куклените претстави. Но, најмногу од сѐ поради потребата да се запознае младата публика со една гранка од театарската уметност која со години е запоставена кај нас – вели Велкова за umno.mk

 

Во публикацијата се претставени кукли и изведби со кукли кои се запишани на листата на УНЕСКО како нематеријално културно наследство на човештвото, како и кукли кои се национален белег на одредени земји.

– На тој начин се запознаваме со историската појава на секоја кукла одделно, со процесот и вештините за нивна изработка, како и со техниката со која се анимираат куклите и сето тоа надополнето со креативните, филигрански изработени илустрации на Наташа Андонова – објаснува Велкова.
Изборот на илустрацијата како медиум, наместо фоторгафија, бил поради надоврзувањето на ликовното со традицијата на кукларството.
– Секоја кукла настанува од цртеж, скица, па се оформува во тродимензионална или дводимензионалана форма. Процесот на работа беше непрекинат, со постојани консултации за изборот на изворот, предлошката за илустрацијата. Не случајно медиумот е акварел на хартија. Во инетрпретацијата на приказот на поединечните кукли се држев до фотографскиот извор (или изворна илустрација од годината на настанок на куклите), поради зачувување на природата и точноста на формата. Онаму каде што се прикажани сценските изведби и театрските поставки, внесов повеќе слободна интерпретација во однос на фотографијата. Тоа и беше предизвикот – да се илустрира истовремено прецизно и да има спонтаност во потегот, да има живост – вели Андонова.

Соработката меѓу двете авторки започнала пред две децении, токму со една куклена претстава – „Јане Задрогаз“ од Горан Стефановски во Театрот за деца и младинци. Тогаш двете биле дел од тимот на еминентниот костимограф и етнолог проф. д-р Ѓорѓи Здравев. Во една таква атмосфера на креативност и елан каква што ја имал тимот на Театарот за деца и младинци, сплотеност доверба и несебичност од сите автори, актери и креативци (скулпоторот и кукларот Кирил Василев), започнало нивното дружење и професионално растење.

Книгата финансиски е поддржана од Министерството за култура.

Автор: Александра Јуруковска