Одберете дело за вашиот дом, работен простор или совршен подарок.
Одберете дело за вашиот дом, работен простор
или совршен подарок.
Најпродуктивен сум во моето ателје, сам со глината

Имаме многу различни уметнички изрази и тоа го прави нашето општество културно богато. За жал не можам да кажам дека се живее од уметност, но треба да се работи на развивање нa свеста на населението за тоа што значи културата и почит кон уметноста – вели Филип Фидановски.

Керамичар, ликовен педагог и актуелен претседател на ДЛУМ, тој е активен учесник и проследувач на случувањето на културната сцена. Искуството од самостојните и групните изложби низ светот, го артикулира низ сите сфери на своето делување, вклучувајќи го и личното творештво.

Дипломирал во 2002 година на одделот за керамика и магистрира во 2006 година на Националната уметничка академија во Софија, Бугарија. Учествувал на 43 групни изложби во Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Белгија, Египет. Учествувал на голем број уметнички симпозиуми во Македонија и странство, добитник е на неколку награди и има организирано повеќе самостојни изложби. Последните неколку години активно го истражува делото на Пикасо, како една од вечните инспирации и провокации.

Во годината кога светот ја одбележува 140 годишнината од раѓањето на големиот Пикасо, се навраќаме на вашиот проект „Пикасо можеби јас“ . Како гледате на него од временска дистанца од пет години? Ве држи ли уште истата уметничка провокација од неговите дела?

Несомнено Пикасо е еден од најголемите светски уметници. Нема уметник во светов кој не се воодушевил од барем едно негово дело. Проектот „Пикасо можеби јас“ беше резултат
на моето долгогодишно истражување на неговото творештвото. Беа одбрани портрети кои обединуваат форма и боја, а кои ги реализирав во скулптури со двојни портретни изрази.
Како техника на моделирање употребив позитив и негатив, која дава можност за двојна претстава на една скулптура. Позитивот е интерпретација на едно дело од опусот на Пикасо, а негативот се портрети кои се одлика на моето авторство како уметник. Отука и насловот на иложбата. Како проект кој го реализирав во годината кога се одбележуваа 135 години од неговото раѓање, сметам дека дадов еден мал придонес и едно сосема поинакво гледање на сликите на Пикасо.
Се’ уште сум под влијание на неговите дела. Откако ја завршив изложбата почнав да работам на нова базирана на нови истражувања на делата на Пикасо, затоа во 2019 година бев во обиколка на сите музеи низ Франција и Шпанија, каде што има дела од Пикасо.

Периодов во вашето ателје сте фокусиран на изработка на брошеви со ваш авторски печат, каде ја наоѓате инспирацијата за нив?

Да, овој период покрај тоа што работам на нови дела за нова изложба, изработувам и нова лимитирана серија на брошеви кои веќе еднаш беа понудени на пазарот инспирирани од делата на Пикасо. Станува збор за истите дела кои беа и на првата изложба. Набрзо ќе бидат достапни за продажба преку галеријата на Frida.mk.

Македонската уметничка сцена ја чувствувате од повеќе страни, како уметник, професор (и доскорашен директор на Државното средно училиште за ликовна уметност и дизајн и актуелен претедател на ДЛУМ). Во кој од ангажманите се чувствувате најблизок до публиката, а каде се чувствувате најпродуктивен?

Дефинитивно најпродуктивен се гледам во моето ателје, каде што сум сам со глината и растеретен од секакви непродуктивни мисли. Уметноста е многу комплексна материја, уметниците уште покомплексни како луѓе, културата е посебна, уметноста исто така. Од гледна точка на претседател на ДЛУМ, но и како педагог, сметам дека луѓето во нашата земја немаат однос кон уметноста. Мојт став е дека тука треба да се насочат енергијата и знаењето да се подигне свеста на населението за уметноста и културата и да се наметнат вистинските вредности на секоја од уметностите.

Кои се убавите страни, а кои најголемите предизвици на нашата уметничка сцена? Се живее ли од уметност?

Убавата страна е тоа што имаме многу различни уметнички изрази и тоа го прави нашето општество културно богато. За жал не можам да кажам дека се живее од уметност. Како што одговорив во претходното прашање треба да се работи на развивање нa свеста на населението за тоа што значи културата и почит кон уметноста и уметникот. Уметникот треба да е ВИП личност, а не политичарите. Тоа значи една од ударните вести на телевизиите да биде вест за културата и уметноста. На телевизите да има емисии за култура и уметност, преку кои ќе се влијае врз свеста за почит кон уметноста и кон вистинските вредности на уметничкото. Така, луѓето ќе сфатат дека треба да купат оргинално уметничко дело од македонски автор, а не репродукции и плакати за евтини пари. Дека со тоа што ќе купат уметничко дело од некој автор, придонесуваат тој автор да може да живее од она кое го создал. Така уметникот ќе може да купи материјали за да создаде нови дела. Од друга страна и државата треба повеќе да се грижи за своите уметници. Да им помага да создадат услови за да останат да работат и творат во својата држава. Треба да има откуп на дела на национално ниво и да ги збогати колекциите на домашни автори, а не институциите да бараат да им поклоните дело затоа што ви направиле изложба него да ви го откупат делото без да се ценкаат за цената. Ние не можеме да бараме од народот да ја цени уметноста, ако тоа не го прават институциите кои се надлежни за тоа. Едноставно од уметност во нашата држава малку потешко се живее.

Автор: Александра Јуруковска