Одберете дело за вашиот дом, работен простор или совршен подарок.
Одберете дело за вашиот дом, работен простор
или совршен подарок.
АНА ТРАЈКОВСКА : ПАНДЕМИЈАТА ЗА МЕНЕ Е ПАУЗА, РАЗОТКРИВАЊЕ И ИСТРАЖУВАЊЕ

За мене доста е важно да бидам активна, редовно да создавам нови дела, но и да го задржам тој социјален аспект, поточно публиката што ме следи, да може да се почувствува како дел од моите дела и моите процеси на размислување - вели Трајковска

Графиката, како и останатите уметнички дисциплини, поседува свои карактеристични квалитети што може само таа техника да ги усвои. Мојот интерес во графиката е како може сите тие процеси и остатоци што се добиваат како производ од овие графичарски техники да бидат применети на други медиуми и да бидат претставени во нов современ контекст – вели младата графичарка Ана Трајковска од Скопје.

Една од мисиите на Фрида.мк е да ги поддржи младите уметници. Една од нив е Трајковска, која во декември ја имаше својата самостојна изложба „Трансфигурации“ во Младинскиот културен центар. Трајковска дипломирала на отсекот графика на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде во моментов е на постдипломски студии.

Изложбата „Трансфигурации“ беше претставена пред јавноста пред крајот на минатата пандемска година. Какво искуство беше за вас подготвувањето на изложба во специфични услови?

-На изложбата работев секојдневно во домашни услови и на факултет 6 месеци пред нејзиното отворање. Како искуство би кажала дека си ги осознав повеќе своите капацитети и упорност во работата, што придонесоа за одличен резултат на отворањето. Воедно, без помошта на моите колеги и соработката со тимот на МКЦ не би можела да го изведам овој проект на начинот на кој што сакав, така што, уште еднаш им се заблагодарувам на сите што беа дел од тимот.

Главната инспирација за овој проект ми беа симболите од различните култури и нивните значења и сродности. И секако, како да ги изведам во различни медиуми со графиката, поточно високиот отисок како основен медиум на изведба.

Ви влијаеше ли целата ситуација на изолација и затвореност врз вашата работа?

-За мене, целата ковид-ситуација кога почна со карантините беше чуден феномен затоа што навикната бев на брзиот живот и да бидам насекаде одеднаш. И за момент некако сето тоа застана и имав ретка можност да размислам за многу работи, да се посветам повеќе на моето творештво и што сакам да кажам преку него. Така што, за мене ова беше период на пауза, разоткривање и истражување.

Вие сте млада уметница која учествува често на групни изложби и проекти. Колку е важно за еден уметник да биде активен и да се доближува до својата публика дури и кога не станува збор за самостојни изложби?

-Според мене, комуникацијата на уметникот како дел од секојдневието е што редовно се наоѓа во различни искуства и создава познанства со личности од секакви занимања, создава различни групи на публика. Со тоа, барем според мене, доста важно е да бидам активна, редовно да создавам нови дела, но и да го задржам тој социјален аспект, поточно публиката што ме следи, да може да се почувствува како дел од моите дела и моите процеси на размислување.

Ја користите ли дигиталната технологија за вашата промоција? Се чини дека светот во изминатата година посебно се сврте кон глобалната мрежа, со оглед на специфичната состојба.

- Секако, дури и пред да го зададе својот замав оваа пандемија, социјалните мрежи беа и сега уште повеќе претставуваат една многу важна алатка на секој автор од која било  возраст. Социјалните мрежи биле и ќе останат како вид дигитално авторско сиви кое е отворено за секој што е заинтересиран и сака да дознае нешто повеќе за авторот. Со тоа, ја зимам и оваа прилика да им се заблагодарам на тимот на Фрида.мк, што ме исконтактираа баш преку социјалните мрежи и ми ја пружија оваа прекрасна можност.

 Минатата година беше особено активна за вас – групни изложби, соло изложба, основавте и ателје за цртање и сликање. Кажете ни повеќе за концептот, за кого се наменети часовите?

- Часовите по цртање и сликање се наоѓаат во просториите на Партизанска Штампа, и  најмногу се наменети за секој ентузијаст од која било возраст, што сака да се испроба во полето на уметноста, истражувањето и цртежот. Исто така и за млади што се спремаат да се насочат професиоинално да се занимаваат со уметност. Така што, ателјето е секогаш отворено за нови членови, секако со запазување на мерките против Ковид-19.

На што сте фокусирана периодов професионално? Ми се чини во тек е работилница за ментално здравје за млади

-Периодов работам на повеќе проекти и работилници, да моментално се одржува и работилница за ментално здравје во просториите на Партизанска Штампа, со помлада публика, средношколци од 16 до 18 години. По иницијатива на проф. Дафина Шекутковска, во соработка со психолозите и гешталт-терапевтите Мирјана Петровиќ и Ирена Жунгулова, јас и Доротеј Нешовски како ликовни уметници и Билјана Димитрова како модератор на работилниците, создаваме пријатен амбиент на соработка секоја сабота и изработуваме различни вежби поврзани со менталното здравје и нашето секојдневие. Во план ни е да продолжиме и понатаму со овие работилници со нови групи, ама тоа го оставаме за понатаму да се одвива. Освен овие работилници, најмногу фокусирана сум на мојот магистерски труд, со кој што планирам да заокружам еден процес од моите истражувања во графиката.

Што најмногу ве фасцинира во графиката?

-Графиката, како и останатите уметнички дисциплини, поседува свои карактеристични квалитети што може само таа техника да ги усвои. Мојот интерес во графиката е како може сите тие процеси и остатоци што се добиваат како производ од овие графичарски техники да бидат применети на други медиуми и да бидат претставени во нов современ контекст.

 

Автор: Сребра Ѓорѓијевска
Се согласувам да ми испраќате новости и дела од авторите, и персонализирани совети за наоѓање уметност
или подарокот кој сакам да го купам од Frida.mk
Ви благодариме