Одберете дело за вашиот дом, работен простор или совршен подарок.
Одберете дело за вашиот дом, работен простор
или совршен подарок.
Благојче Наумоски Бане : Политизацијата во културата го разурнува уметничкиот порив

Уметноста била и секогаш ќе биде силна и моќна да даде свој став, гледиште или промена во светот – вели уметникот Благојче Наумоски – Бане, по завршувањето на неговата последна изложба „Пукнатини/Трансформации“.

 Уметноста била и секогаш ќе биде силна и моќна да даде свој став, гледиште или промена во светот. Уметноста е оружје со кое може да се направат големи промени, да поттикне на размислување и секако да дејствува во создавање на трасформации кон нешто подобро – вели уметникот Благојче Наумоски-Бане. „Пукнатини/Трансформации“ е неговата последна 18 изложба што се одржа во Младинскиот културен центар во Скопје.

Наумоски (Кичево, 1985) дипломирал во 2007 година на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ Скопје, во класата на проф.Рубенс Корубин, а магистритирал сликарство кај проф. Јован Шумковски. Од 2007 година е член на ДЛУМ. Во 2009 година станал член на групата Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т и активно учествува во сите нејзини проекти. Од 2015 година е член на колективот АД АКТА. Од 2012 година работи на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот Универзитет во Скопје. Своите дела ги изложувал во Берлин, Њујорк, Љубљана, Париз, Хаифа, Прага и.т.н. Има учествувано на повеќе ликовни колонии.

Пукнатините за многумина можат да бидат поразителен, тажен поим, вие пак ги трансформирате како место или процеп на убавото и инспиративното?

-Да, точно така, пукнатините ги трансформирав во нешто убаво и за мене мошне инспиративно во изминатиов период. Иако се работи за нешто кое е деконструирано, сепак, тоа кај мене пробуди нешто од што јас сакав да изградам сосема поразлична претстава за самата пукнатина. Тоа е и метафора за сè што ни се случува во светот, една поинаква слика на нештата, една трансформација на убавото наспроти деструктивното. Низ апстрактниот пристап и отсуството на наративни елементи сакав да прикажам чист ликовен концепт, кој сам по себе не се обременува со стилски референци и не отстапува од својата појдовна точка. Имератив ми беше да се покаже ефект на трагата од присуство наместо конкретно присуство, да се открие она што се наоѓа под или зад содржината. Интересот, меѓу другото, ми беше насочен кон создавање бинарни опозиции: позитив/негатив, полно/празно, вдлабнато/испакнато и ефектите што се создаваат, инсистирајќи на нејасната граница помеѓу илузијата (на насликаното наспроти дигиталното) и реалноста во рамки на геометризмот.

 

Што ви донесе паузата од скоро пет години од последната изложба?

-Паузата ми донесе нови идеи, нови концепти на кои што долго размислував и кои што сега можам да ги реализирам паралелно. Понекогаш е потребна пауза за да се пронајдеме себеси, до каде сме, каде одиме по тој пат на уметноста. Промената е добредојдена, само треба да ја прифатиме онака како што треба, не плашејќи се од можни ризици.

Колку во ова време-невреме на пандемија, изолираност и светски немир уметноста е нужна, но и моќна? Како на ова прашање гледате и како уметник и како педагог?

-Уметноста била и секогаш ќе биде силна и моќна да даде свој став, гледиште или промена во светот. Уметноста е оружје со кое може да се направат големи промени, да поттикне на размислување и секако да дејствува во создавање на трасформации кон нешто подобро. Од друга страна, начелото на детерминираноста покажа дека не можеме веќе со сигурност и прецизност да ги одредуваме причините, положбата и времето на случувањата во уметноста. Можеме само да ги одредиме постоечките тенденции и случувања. Уметноста не е игра без правила, но секогаш можеме да ја модифицираме или да предложиме друга во текот на процесот на интерпретација. Правилата на уметничката игра во таа смисла се бескрајно променливи. Таа го соочува уметникот со реалноста во светот, но и можно бегање од него со помош на имагинацијата. Тоа соочување е секогаш привремено, врзано за повеќе дискурси и понекогаш е условено од можните односи.

Што ги учите вашите студенти, а што учите од нив?

-Човек секогаш учи, така што додека јас ги учам моите студенти тие не престануваат да ме изненадуваат со нивниот талент, креативност, инвентивност и иновативност. Така и јас учам од нив. Ги учам да имаат широко гледиште на уметноста и дизајнот во светот, да не навлегуваат во комфорна зона, бидејќи тоа знае да биде стапица за понатамошното нивно напредување. Ги насочувам кон дисциплина, кон една методологија на создавање/дизајнирање, започнувајќи од идеја до реализација. Интеракцијата помеѓу студент и професор е најважна за да се воспостави убава, искрена и конструктивна комуникација. Тоа во исто време е и забавно, а крајот дава одлични резултати. Од секој студент може да се научи нешто ново и тоа е убавината во оваа професија, тоа заемно споделување на знаењето и искуството.

Каква е нашата уметничка сцена, каде е местото на македонскиот уметник во светот? Имаме ли план, стратегија на претставување или се’ останува на лични иницијативи?

-За жал, македонскиот уметник сè уште е на маргините во нашата Македонија. Иако имаме доста квалитетни уметници, кои најчесто преку лични иницијативи се пробиваат во светот, уметничката сцена во Македонија е сè уште сиромашна од најразлични причини.

Пред сè, политизацијата во културата си го прави своето, го разурнува уметничкиот порив кон новитети во нашата уметничка сцена, кон афирмација на млади уметници тука и надвор, потоа невложувањето на финансиски средства за сериозни уметнички проекти и тн. Засега, стратегија гледам само во самостојните уметнички колективи, кои минуваат тежок пат за изнаоѓање начини за опстанување на уметничката сцена. Тоа подразбира и имање сопствен став кон сè што се случува во светот, но и кон тоа каков е досега непроменетиот однос кон македонските уметници тука.

Кој е следниот ваш предизвик, на што сте фокусиран по завршувањето на изложбата?

-Паралелно со „Пукнатини“ работев на уште еден проект ,,Енергија на светлината’’ кој ќе биде реализиран во октомври оваа година во КСП „Јадро“. Доста интересен проект е и уште нешто ново во мене, но верувам дека ќе ù се допадне на публиката.

Автор: Александра Јуруковска
Се согласувам да ми испраќате новости и дела од авторите, и персонализирани совети за наоѓање уметност
или подарокот кој сакам да го купам од Frida.mk
Ви благодариме