Одберете дело за вашиот дом, работен простор или совршен подарок.
Одберете дело за вашиот дом, работен простор
или совршен подарок.
Кирил Пенушлиски : Се удираме по гради дека сме Македонци, а идентитетот, културата и историјата не си ги почитуваме

Вистинска критика повеќе нема, а изгледа дека и вистинска публика повеќе нема. Што не значи дека тоа не може да се промени.

Кирил Пенушлиски е историчар на уметноста и активен истражувач на нејзините текови. Тој е доктор по историја на уметноста, своето образование го стекнал во Париз, Италија и Велика Британија, а освен во своето творешво го применува и во педагогијата како професор на Универзитетот за аудио-визулени уметнисти „Еуропа Прима“ и визитинг професор на универзитетот за уметност „Едуконс“ во Србија. Автор е на неколку монографии, како и на бфројни студии и каталози.
Пенушлиски е редовен посетител на сите изложби кај нас и буден хроничар на современите случувања на уметничката сцена, каде што лоцира сериозени проблеми: „ нивото на културата и на културната свест во нашето општество е драстично падната. Вистинска критика повеќе нема, а изгледа дека и вистинска публика повеќе нема. Што не значи дека тоа не може да се промени“ – вели во интервјуто за Frida.mk

Велат дека секое време е колку тешко, толку и поттикнувачко за креативците. Кои се темите и предизвиците што вие ги препознавате како преокупација кај вашите современици, на домашната и светската ликовна сцена?

Во последниве десетина години многу од темите што ги обработуваат современите македонски уметници се поврзани со настаните од политичката секојдневица. За време на лудилото на „Скопје 2014“ имавме огромна бројка на слики, скулптури, инсталации... кои со право се потсмеваа со тој проект. За време на бегалската криза се појавија други мотиви, а во изминатава година и пол, глобалната пандемија се појави како тема... Но, тоа е донекаде и за очекување. И „Ноќна стража“ на Рембрандт претставува вистински настан. Што се однесува до предизвиците, сега говорам само за Македонија, огромен проблем е што нивото на културата и на културната свест во нашето општество е драстично падната. Вистинска критика повеќе нема, а изгледа дека и вистинска публика повеќе нема. Што не значи дека тоа не може да се промени.

Можеме ли да говориме за генерални тенденции во ликовениот јазик или изразните средства кај македонските уметниции чии изложби редовно ги посетувате?

Мислам дека само во еден многу краток период од нашата историја можеме да говориме за модерна или пак за современа македонска уметност. Јас претпочитувам да ги користам следниве термини: модерна уметност од Македонија и современа уметност од Македонија. Разликата помеѓу уметност од Македонија и македонска уметност е голема. Кога историски се разгледува развојот на модерната уметност кај нас, не можат да препознаат некакви заеднички стилски или пак иконографски симболи кај македонските уметници што би ги обединиле во кохерентна група. Ликовниот јазик со кој се изразуваат е различен.

Како реагирате кога ќе видите силен личен печат на некое дело, а како на плагијаторството?

Развојниот пат на уметноста во Македонија е необичен и тој не го следи развојниот пат на уметноста од Европа која оди од ренесанса, во барок, па во рококо... Или ако говориме само за модерниот период, од аналитички во синтетички кубизам за потоа од синтетичкиот кубизам да искочи нешто ново. Во текот на целата историја на модерната уметност во Македонија можете да најдете примери каде што некој мотив, техника, уметнички правец, или пак иконографски симбол... што нема врска со нашето поднебје и со развојот на уметноста во Македонија се појавувал во делата на наши уметници. Постојат и примери каде еден уметник го превзема ликовниот јазик на друг. Меѓутоа ако сликате по Пикасо, не може сосема да ги повтори потезите на неговата четкицата. Не правите плагијат, туку некое ново дело во кое може да се види вашата сликарска природа, без разлика колку таа е добра, лоша, силна, развиена или не. Освен ако не говориме за фалсификати, но тие се веќе друга приказна.

Имате ли имиња и дела од актуелните домашни и светски уметници што сметате дека ќе останат запаметени во историјата на уметноста?

Секако. Добри, квалитетни уметници има. Од светската ликовна сцена мене посебно ми се допаѓа Анселм Кифер, кој веќе е влезен во новите енциклопедии за историјата на уметност. Што се однесува до македонските уметници, има луѓе кои можат рамо до рамо да стојат со големите светски имиња. Но, мислам дека до сега од Македонија не излегол уметник за кого ќе се пишува во големите книги, во енциклопедиите посветени на светската уметност. Впрочем, ако го сметаме и оној постариот период од нашата историја кога бевме дел од една друга, поголема држава, веднаш можам да се сетам само на четири имиња од тие простори кои оставија трага во светската уметност: Влахо Буховац, Иван Мештровиќ, Петар Лубарда и Марина Абрамовиќ. И тоа говорам за период од век и пол. Причините за вака малиот број на уметници се комплексни и немаат никаква врска со квалитетот на македонските или пак на југословенските уметници. Се работи за политика, културна политика, економија...

Дали како култура имаме доволно свест за бележење и архивирање на најзначајните имиња и појави, издаваме ли доволно монографии, публикации како трага за идните проучувачи?

Не.
Во еден момент мислев да го оставам само краткото „Не“ како одговор, можеби со еден извичник („!“) на крај, но не издржа јуначкото срце. Ние Македонците сме многу чуден народ. Сите некако се удираме по гради дека сме Македонци, а идентитетот, културата и историјата не си ги почитуваме. Можеби тоа е отслик на фактот дека сме многу млада држава, па традиција за почитувањето на нашето минато, а и свеста и знаењето како тоа треба да се заштити и презентира не е развиена. Животот, развојниот пат, уметноста на оние најголемите, на основоположниците на модерната уметност во Македонија не се обработени. Ќе дадам само еден пример. За човекот кој е камен темелник за целата модерна визуелна култура на Македонија, Никола Мартиноски, постојат само две студии. Тоа е срамно.

Како педагог на кои основи во препознавањето и живеењето на и со уметноста сакате да ги научите вашите студенти?

Професор сум веќе со години, и кој и да ме праша „Како даскалството?“ јас го имам истиот одговор што го давам веќе подолго време: „Секоја генерација на студенти е полоша од минатата“. Дигиталниот свет во кој што новите генерации живеат, успеа да ги измени и потоа потполно да ги замени традиционалните вредности. Во Скопје имам студенти од цела Македонија, а и од Косово, Хрватска, Црна Гора и Србија, а сум и визитинг професор во Нови Сад, гледам дека тоа не е локален, македонски, туку дека се работи за еден генерациски проблем. Основниот предизвик за професор кој предава историја на уметност е да покаже на тие нови генерации дека вон тој свет што егзистира само на нивните монитори и екрани, постои и еден друг кој има далеку поголема моќ и способност да го промени нивниот живот на подобро, да ја наполни душата и да ја поттикне фантазијата. Јас можам само да ја покажам и отворам вратата, а на нив им останува изборот дали ќе поминат низ неа.

Наоѓате ли доволно широко поле за работа во мала средина како нашата уметничка сцена. Имате ли доволно провокации тука за да ги истражувате и историјата на уметноста и на филмот?

Некако мислам дека ви одговорив на ова прашање, барем делумно, со некој одговор на претходните. Но, еве да бидам јасен. Мислам дека модерната уметност кај нас воопшто не е обработена. Работа има колку сакате. Квалитетни уметници има. Мојот план беше да почнам од почеток. Прво го фатив Мартиноски. Мислам дека направив добра книга. Сега работам на Личеноски. Кога ќе завршам со него на ред ќе дојде Коџоман, па потоа Борко Лазески, па Миле Корубин, па Гиче Чемерски, Илија Пенушлиски... А кога ќе завршам со нив, таму кога ќе наполнам 150 години, тогаш ќе дојде на ред Благој Дрнков, па Стево Црвенковски, па Кирил Ценески, Столе Попов.


Промоција на монографијата за Тања Балаќ (Натали Р. Павлеска, Тања Балаќ, Кирил Пенушлиски, Ана Мартиноска)

Автор: Александра Јуруковска
Се согласувам да ми испраќате новости и дела од авторите, и персонализирани совети за наоѓање уметност
или подарокот кој сакам да го купам од Frida.mk
Ви благодариме