Одберете дело за вашиот дом, работен простор или совршен подарок.
Одберете дело за вашиот дом, работен простор
или совршен подарок.
Трајче Чатмов : Уметноста и уметникот треба да бидат главните борци против сите нечовечности

Недостатокот на слобода и комоција, за жал се најголемиот двигател на уметниковата креативност, па оттаму и тоа дека уметноста и уметникот треба да бидат главните борци против сите нечовечности и колку што може повеќе промоција на хуманоста – вели Трајче Чатмов, по неодамна завршената изложба во скопската галерија „Ел Греко“.

За последниот циклус на Чатмов, Гоце Наневски ќе запише:...Сликарството има моќ да учи. Без учење нема сликарство. Рефлектирањето вон сликарството е утопија. Рефлектирањето во сликарството е историја или повеќе можни истории. Еднаш напишав: „Предзнаењата се одлични“ и „Легендите се за читање“. Сега дополнувам: „Читајте ги сликите на Чатмов“.

Чатмов е роден во 1971 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во класата на професор Рубенс Корубин. Магистрирал на истиот факултет под менторство на професор Родољуб Анастасов. Своето прво самостојно излагање го има непосредно по своето дипломирање, во Домот на културата во Охрид во 1997 година во рамките на Охридско лето и со тоа започнува неговото претставување како академски сликар. Има реализирано десетина самостојни изложби, а учествувал на исто толку групни изложби дома и во странство. Покрај сликарството се занимава и со фотографија, анимиран филм и документарен филм за што и има добиено неколку награди во 1997/8год – најдобра камера и најдобра режија за краткиот документарен филм „Времиња“.

Ако ланската изложба „Интимни понирања“ беше вентилот низ кој дишевте за време на изолацијата, како ја опишувате годинашнава, која во многу нешта е поврзана со претходниот циклус?

Ако еднаш го откриете вентилот низ кој можете да дишете слободно - тогаш тоа е за навек. Силно го зграпчувате како единствено место за сопствена слобода. Всушност, сликарството ми останува оној мој личен простор за слобода. Да, циклусот е поврзан доста со претходниот, затоа што многу нешта што ги видовме и осознавме за време на изолацијата, остануваат како трајни сознанија за нас како свесни битија.

Дали додека цртате размислувате кој и како ќе го види и доживее делото?

Воопшто не помислувам на тоа, затоа што тој момент е максимално интимен и во тие мигови сум целосно препуштен на уживањето.

По повеќе од четврт век творештво, можете ли себеси да се сместите во одредени рамки, правци или и понатаму најпријатно се чуствувате додека експериментирате?

Во суштина, ова што сега го работам може да се врами во некој правец, стил или манир, иако не се оптоварувам со тоа. Постојано експериментирам, се обидувам и истражувам нови моменти, без разлика дали е тоа во колоритот, во мотивот или во начинот на изразување .

Кои нешта станаа подобри, а полоши на нашата ликовна сцена низ овие две ипол децении?

Ликовната сцена во Македонија, впрочем верувам како и насекаде, си има свои осцилации. Имаше период кога институционално уметниците имаа голема поддршка да создаваат. Притоа не мислам само на финансиска поддршка, туку зборувам за период во кој државните авторитети задолжително беа присутни на отворање на изложби, а со тоа даваа извесна поддршка на авторите. Со текот на времето сето тоа го снема, што мислам дека е одраз на падот на културното ниво. Но, се надевам дека тоа ќе се промени. Од друга страна ме радува што забележувам една млада генерација автори кои творат, изложуваат и не се фрустрирани. Ова е секако многу личен впечаток што ми влева надеж дека ќе биде во ред.

Каде е местото на уметникот и уметноста во период на пандемии, кризи и светски превирања?

Недостатокот на слобода и комоција, за жал се најголемиот двигател на уметниковата креативност, па оттаму и тоа дека уметноста и уметникот треба да бидат главните борци против сите нечовечности и колку што може повеќе промоција на хуманоста. Кога велам хуманост не мислам на некоја излитена фраза, туку како момент кој би требало да не‘ разликува од сите останати живи суштества.

 

Автор: Александра Јуруковска
Се согласувам да ми испраќате новости и дела од авторите, и персонализирани совети за наоѓање уметност
или подарокот кој сакам да го купам од Frida.mk
Ви благодариме