Одберете дело за вашиот дом, работен простор или совршен подарок.
Одберете дело за вашиот дом, работен простор
или совршен подарок.
Буба Солак : Уште сто пати да треба да избирам – би ја одбрала уметноста

Мојот темперамент и потреба за нешто ново, поразлично, не ми дозволува да се ограничам на една тема, дисциплина или техника – вели Љубица Мешкова Солак или Буба Солак - мултимедијална уметница и ликовен педагог.

Солак е член на Друштвото на ликовни уметници на Битола (ДЛУБ) и негов претседател во периодот од 2014-2016 година. Член е и на ДЛУМ, зад себе има десетина самостојни изложби дома и во странство (Кувајт, Дубаи, Турција), како и учество во повеќе од 150 групни изложби и проекти. Средното уметничко училиште го завршува во Скопје, а во 2000 година дипломирала на Факултетот за ликовна уметност, на отсекот Графика со конзервација и реставрација. Таа и нејзиното семејство се активни чинители на ликовната сцена во Битола, индивидуално, но и преку активностите на нивното Ателје „Солак“.  Во моментов ја преокупираат видео-артот и дигиталните уметности или постојаната потреба од експериментирање.

Биографијата ви е со широк распон од графика, конзервација, преку мозаик, до мода и дизајн. Можете ли да ги поделите медиумите или каде се чувствувате најсвоја?

Секој автор има свој начин и посебен пристап кон уметноста, темите, интересите. Со графиката се запознав во средното уметничко училиште, на 14 години, па подоцна и на ФЛУ. Сфатив дека таа, како ниедна друга дисциплина, поседува многу оригинални и уникатни карактреистики, квалитети и безброј можности за експериментирање.
Оттука и потребата и нагонот за експериментирање во различни медиуми. Понекогаш комбинирам сликарство, графика, фотографија, објекти, инсталација, дури и модниот дизајн, кој ми е желба од детството. Самата себеси не можам да се дефинирам како графичар или сликар. Како автор имам потреба да спојувам различни материјали, ресурси, техники и да создадам една моја визуелна претстава, а тоа е така веќе триесетина години. Морам да признаам дека во последниот период мојот интерес е свтрен и кон новите изрази како видео-арт, дигитална уметност, инсталации, затоа што комбинирајќи ги овие различни дисциплини можете да постигнете нови и иновативни резултати.

Дали ваквиот синкретизам е одговор на општественото позиционирање на уметноста или на личен уметнички избор?

Синкретизирање и позиционирање во општеството е неминовно, но не и најважно, барем не во мојот случај, затоа што мене ми побитно моето, „јас“. Доколку неконтролирано и неодмерено се приспособувате на потребите, нарачките, трендовите, пазарот, автоматски се препуштате и не сте искрени со самите себе. Тоа создава погрешна слика за своето место, ја нарушува и ја заматува бистрината на уметничкото размислување, поглед, визија, идеја. Ова е нагласено кај сите уметници: музичари, сликари, драматурзи.

Реалноста ни е испишана со синџир на кризи – пандемија, конфликти, агресија. Влијае ли тоа и врз уметничкиот сензибилитет? Дали ви влијае на јазикот и палетата на бои?

Сите тешкотии, настани, трагедии што ни се случуваат, уметникот, преку уметноста, има моќ да ги трансформира во естетски ликовен израз. Можеби тоа понекогаш не се случува веднаш , затоа што е потребно и временски простор, потребно е да се осмисли, рафинира, созрее, изведе како ликовно дело/производ. Емпатијата и емоциите се дел од мене и многу често ме отсликуваат или ме понесуваат. Тие се длабоко присутни во мојот израз. Колку и да се трудам не можам да ги ислучам бидејќи се силни и влијаат на моето изразување, творештво, битисување. Окарактеризирана сум како сликарка со интензивен колорит, изразен цртеж и силна палета, но имам и фази /циклуси каде целосно може да се прочита што сум сакала да кажам, каква била мојата идеја или какво било моето тогашно расположение.

Како во периодов функционира вашето ателје Солак? Каква е уметничката сцена во Битола и еснафското здружување во ДЛУБ?

Изминатиот период од 2 години беше исклучително тежок, го измест ’нормалното’ функционирање на општеството, предизвика страв, трауми, неизвесност, социјална дисхармонија, а тоа влијае и на секој од нас. Ателјето „Солак“ во овој период на рестриктивни ограничувања се посвети на работа на веќе започнатита проекти и концепти за идно функционирање. Им излеговме во пресрет и на оние кои имаа потреба од нашите услуги за едукација и подготовки за продолжување и пронаоѓање на својот пат во уметностите. Исто така, бараме начин да ги одржиме или да воспоставиме нови контакти на меѓународен план. Како ликовни автори сме членови и во ДЛУМ и во ДЛУБ и двете здруженија постојат повеке од 7 децинии и во нивното постоење, како и се’ друго, се случуваат периоди на подем и периоди на стагнација. Секако дека процесите кои се случија во нашето општество последните 5-6 години придонесоа за слабеење во ликовната понуда, на квалитетот на авторскиот израз, потценување на професионализмот, игноранскиот пристап на институциите, селектирањето на неквалитетни и подобни, присутност на цензура и автоцензура итн. Значи, живееме во „чудно“ време и истата ситуација можеме да ја забележиме не само тука кај нас, туку и на глобално ниво.

Колку работењето низ светот ви помага во увидот како функционира современата уметност и нејзиниот пласман денеска? Постојат ли системи и механизми за промоција или уметникот треба сам да ги бара?

Максимално ги користиме сите прилики за соработка, презентација и активности и како Ателје „Солак“ и како семејство. Јас и сопругот сме ликовни уметници, а  и нашиот син, кој е ученик во средното уметничко училиште. Тоа значи тројна потреба од учење, патување, нови искуства. Патувањата секогаш ни овозможуваат многу нови знаења и информации. Искуството е комплексно, тоа значи дека многи фактори влијаат врз него Се обидуваме нашето искуство да биде што пошироко, да ги разбереме сите тие процеси. Затоа се среќаваме со различни луѓе од галерии, аукцисаки куќи и разговараме со нив. Нивното искуство ни помага и во нашето позиционирање во светот на уметност. Но, на крајот искуствата се индивидуални, зависи што бараш, што очекуваш и како го разбираш уметничкиот израз. Ние како автори сме концетрирани на создавање квалитетни ликовни дела, без оглед на трендовите, побарувачката или општествено-социјалната клима.

Што е основното или најважното на што ги учите вашите ученици кои ја избираат уметноста за свој животен пат?

Како ликовен педагог во средното уметничко училиште, веќе 21 година, научив да бидам искрена и дирекна со моите ученици! Тргнувам од моето искуство, а се ставам и на нивно место и отворено им кажувам дека е тешко. Доколку сакаат да продолжат да се занимават со уметност и таа да биде нивна определба - тешко е, но и убаво. Тоа значи огромна посветеност, многу време, многу работа, често и финансиски проблеми. Комплицирано е, но доколку искрено ја сакаат уметноста – вреди. Секогаш им велам дека уште сто пати да треба да избирам што би работела, повторно и покрај се‘, би ја одбрала уметноста!

Автор: Александра Јуруковска
Се согласувам да ми испраќате новости и дела од авторите, и персонализирани совети за наоѓање уметност
или подарокот кој сакам да го купам од Frida.mk
Ви благодариме