Одберете дело за вашиот дом, работен простор или совршен подарок.
Одберете дело за вашиот дом, работен простор
или совршен подарок.
Данчо Кал’чев: Нема битна разлика од моите почетоци до сега, освен намалениот ентузијазам

Според мене, изложба се прави кога авторот има да соопшти нешто ново или барем да видоизмени нешто од претходната работа. Во спротивно – нема потреба од изложба - вели Кал'чев.

Вечер (15 декември, среда), во 19.00 часот, во Музејот на град Скопје ќе биде отворена ретроспективната изложба на македонскиот сликар Данчо Кал’чев, еден од најреномираните македонски сликари, чие творештво се протега во цели три децении.
За Владимир Величковски, Кал’чев припаѓа на уметничките тенденции од постмодернистичкиот период, но не е оптоварен со некои негови агресивно искажани барања...„напротив, тој е сликар кој се определува за сопствен модел на градење на сликата, со доследност во создавањето на нејзината специфина пластична и семантичка структура која се спротиставува на еднострани толкувања. При тоа, култивираното мислење овозможува неговата сликарска постапка да биде во рамниште на замислата – сето тоа е lage artis – и мисла и реализација.“ – ќе запише Величковски.


На изложбата ќе бидат претставени дела од сите негови сликарски циклуси почнувајќи од 1992 година („Траги“, „Идоли“, „Генесис“) до најновиот циклус од 2021 година. Кал’чев е еден од најважните современи македонски сликари, чие творештво е онолку силно и моќно, колку што тој e тивок и повлечен од јавноста и претставувањето пред неа. Неговата последна изложба беше во 2009 година, токму во Музејот на град Скопје. На прашањето кои биле неговите лични преференци во однос на изборот на сегашната ретроспективна изложба, Кал’чев за Frida.mk вели:
- Според мене, изложба се прави кога авторот има да соопшти нешто ново или барем да видоизмени нешто од претходната работа. Во спротивно – нема потреба од изложба. Во оваа прилика не издвојувам ниту едно посебно дело или период, туку се’ она што било моја преокупација во изминатите 30 години. Инаку, јас не чуствувам битна разлика од моите почетоци до сега, освен можеби намалениот ентузијазам. А ретроспективата е само еден пресек или преиспитување.

За дел од критиката ликовниот опус на Данчо Кал’чев како да изнуркува од исконот и таинствениот свет на митот: „во примордијалниот имагинативен естетски поредок на нештата; во светот на култот, магијата, ритуалот; во светот на предлогичкото мислење и митолошката семиотика; со еден збор, во прастариот исконски свет на идолите, фетишите, тотемите кои, сите вкупом, ѕиркајќи од неговите објекти/слики тајнат некои неискажливи, но длабоко изворни ликовни знаци, пораки и сигнали.“ - ќе подвлече акад. Георги Старделов. Првата изложба Кал’ чев ја има во 1992 година во галеријата „Пановски“, со што се етаблира на македонската ликовна сцена, како автор со специфичен ракопис: „Гестот на создавањето на Данчо Кал’чев е како рез во живото тело на светот, рана или цртана пустата рамнина, засек што раздвојува, претставува, ја одредува разликата, колку и да е таа незабележлива, и создава за прв пат свет што с ечувствува. Овој почеток е почеток на едно ново создавање. Сликата е поле каде се судираат застрашувачки сили. Таа не е од овој свет затоа што таа раѓа нов свет, таа потекнува од некој паралелен свет, од пра историјата или некоја а-историја.“ – ќе запише Емил Алексиев.

Данчо Кал’чев е роден 1957 година во Скопје, каде што завршува и средно техничко школо. Во 1974 година запишува Педагошка академија, група ликовна педагогија, во класата на познатиот македонски сликар Спасе Куновски, а дипломира во класата на Ванчо Георгиевски. Во 1980 се запишува на Факултетот за ликовна уметност во класата на Димитар Кондовски. Од 1986 година работи како професор во гимназијата „Јосиф Јосифовски“, а потоа станува и член на ДЛУМ.

Автор: Александра Јуруковска